Европскиот првак броеше до шест против младите Орли

Актуелниот европски младински првак Германија со убедлива победа од 6-1 славеше над Србија и дојде до шест бода во групата Б од контитенталниот фудбалски собир за играчи до 21 година. Со овој триумф Германија речиси сигурно ќе игра во следната фаза, додека за Србите ова ЕП заврши откако го претрпеа вториот пораз на исто толку мечеви. Дуелот против Данска во последното коло нема ништо да им значи бидејќи имаат најлоша и недостижна гол-разлика од 1-8.

Голеадата започа рано, преку Рихтер во 16-тата минута, а до 37-мата веќе беше 3-0 со головите на Валдшмит. Германскиот голгетер стигна и до хет-трик во 80-тата минута, но претходно Дахуд постигна еден гол. Србите добија пенал во 85-тата минута, преку кој Живковиќ го постигна почесниот гол за својата селекција, а Мајер во судиското продолжение ги постави конечните 6-1.

Претходно, во 18:30 часот од истата група се сретнаа младите репрезентации на Данска и Австрија, а Данците триумфираа со 3-1 и избија на второто место во пресрет на последното коло.

- Оглас -

Најнови вести