Тренерот на Сасуоло, Фабио Гросо, според најавите, ќе го напушти клубот што моментно го води за да ја преземе Фиорентина. Двете страни се договориле за соработка на две години со можност за продолжување на уште една сезона, а Гросо ќе заработува 1,2 милиони евра по сезона.
Светскиот шампион со Италија од Мундијалот 2006 година претходно ги водеше младинскиот тим на Јувентус, Бари, Верона, Бреша, Сион, Фрозиноне и Лион. Во Сасуоло помина две сезони, а уште во првата успеа директно да го врати клубот во Серија А како шампион на Серија Б.
Во изминатата сезона, 48-годишниот стратег го предводеше Сасуоло до 11-тото место во италијанската елита, со ефект од 14 победи, седум ремија и 17 порази, освојувајќи вкупно 49 бода.
Од друга страна, досегашниот тренер на Фиорентина, Паоло Ваноли, ја исполни главната цел и го спаси тимот од испаѓање, но сепак не доби доверба од клубот да остане и следната сезона.
Виолетовите го завршија шампионатот на 15-тата позиција во Серија А со 42 бода, остварувајќи девет победи, 15 ремија и 14 порази.

