Фабио Квалјарела, па сите други

Ветеранот од Сампдорија, Фабио Квалјарела, испиша нова страница од светлата историја на италијанската фудбалска репрезентација откако синоќа со два гола од пенал придонесе за најубедливата победа на „аѕурите“ во последните 57 години. Италија го разби Лихтенштајн со 6-0 и првпат од декември 1962 година наваму победи со шест гола разлика.

Квалјарела кога го даде првиот гол стана најстариот стрелец во историјата на Италија. Тој за националниот тим погоди на возраст од 36 години и 54 дена. Досега најстар стрелец беше Кристијан Панучи со 35 години и 62 дена, а на возраст помеѓу 34 и 35 години голови за Италија даваа Антонио ди Натале, Фабио Канаваро и Андреа Пирло.

Пред да даде гол Квалјарела, Италијанците се гордееја со податокот дека последните осум погодоци биле дела на играчи до 27 години. Сепак, се покажа дека покрај младоста, секогаш е добредојдено и искуството.

„Им благодарам на соиграчите кои ми дозволија да ги шутирам пеналите и ме бодреа да дадам и хет-трик, им благодарам и на Сампдорија, на публиката, на селекторот Манчини“, редеше подмладениот Квалјарела, кој по девет години се врати во селекцијата.

- Оглас -

Најнови вести