Федерер од денес веројатно засекогаш излезе од едно елитно друштво

Прв пат по јануари 2017 година, Роџер Федерер не е меѓу Топ 10 тенисери на АТП-листата. На најновата денешна АТП-листа, легендарниот Швајцарец падна за две позиции и од деветтото место, сега е 11-ти во светот. Причина за испаѓањето од Топ 10 е малиот број одиграни мечеви на Федерер, кој имаше повреда, па операција.

Во 2021 година, Роџер одигра само 13 меча, од кои на девет беше победник, а четири ги загуби. Последниот меч му беше поразот од Полјакот Хуркач.

Федерер за првпат во Топ 10 влезе во 2002 година, а од октомври истата година досега, само 11 недели бил надвор од најдобрите 10 во светот. Тоа беше периодот од операцијата на коленото во 2016 година, сè до освојувањето на Отвореното првенство на Австралија во 2017 година.

Годинава Швајцарецот имаше нова операција, но потоа не успеа доволно да закрепне и да се врати на победничките патеки.

„Прво морам нормално да одам, па нормално да трчам и дури потоа да правам странични движења. Кога ќе се почувствувам дека тоа можам да го правам, ќе можам да се вратам на теренот. Не сакам да брзам, морам да мислам и на животот по тениската кариера. Најлошото е зад мене и смирен сум“, рече пред три недели Федерер.

Со 967 недели поминати во Топ 10 на АТП, Федерер е апсолутен рекордер пред Рафаел Надал со 837 недели во Топ 10 но неговата низа уште трае. Легендарниот Џоми Конорс бил во Топ 10 на АТП цели 817 недели. Актуелниот број 1 на АТП, Новак Ѓоковиќ ја има 702 недела меѓу најдобрите 10 тенисери во светот.

 

- Оглас -

Најнови вести