Федерер во солзи се прости од тенисот, плачеа и Надал и Ѓоковиќ!

Роџер Федерер доцна синоќа го одигра својот последен натпревар во богатата професионална тениска кариера, која му траеше речиси две и пол децении. Швајцарецот се прости со меч во двојки на Лејвер купот во Лондон, а тој и партнерот Рафаел Надал беа совладани од Американците Џек Сок и Френсис Тиафо.

После мечот, Федерер го зеде микрофонот и им се обрати на гледачите, а не можеше да ги запре солзите.

„Не сум тажен. Се насладував, уживав. Поради присуството на другите играчи, моето семејство и фановите, не почувствував толку голем стрес. Си ги исполнив своите очекувања од последниот меч, да играш со Рафа во ист тим и да бидеш опкружен со толку добри тенисери и пријатели е прекрасно. Тенисот може да биде спорт на самотија, но јас денеска не се чувствував осамен. Токму на вакво испраќање се надевав, ви благодарам на сите!“ – рече Федерер.

Тој додаде дека кога ја почнувал кариерата, не очекувал да стане спортска икона.

„Едноставно се радував што играм тенис. Но, испадна едно неверојатно патешествие кое би го повторил одново. Сопругата можеше да ме запре многу одамна, но продолжи да биде зад мене и ми дозволи да продолжам да играм, затоа ѝ благодарам“ – кажа популарниот Фед-екс, а кога атмосферата го достигна врвот, се расплакаа и неговите ривали Надал и Ѓоковиќ.

- Оглас -

Најнови вести