ФФМ ја заврши 2021 година со плус од 4,3 милиони евра, претседателот Сејдини најави: Не се живее од стара слава, одиме кон нови успеси!

Фудбалската федерација на Македонија го одржа редовното годишно Собрание на кое учествуваа 55 од вкупно 58 делегати. Од приложениот финансиски извештај, ФФМ за 2021 година остварила приходи од околу 19 милиони евра. Тоа е финансиски најдобрата година на Федерацијата, која лани доби и пари од настапот на Македонија на ЕП.

Од оваа сума, ФФМ има потрошено околу 15 милиони евра, а 2021 година завршува со позитива на сметката на Федерацијата од 4,3 милиони евра. Три милиони евра се потрошени во инфраструктура за терените и стадионите во земјата.

Првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини имаше обраќање на Собранието во кое најави нови успеси во иднина.

Драги членови на Собранието на Фудбалската федерација на Македонија, драги гости и пријатели, почитувани претставници на медиумите, Да не беа сурови некои животни судбини, после сите остварени резултати во 2021 година, ова Собрание можеше да биде одржано во празнична атмосфера. Горд сум на постигнатите резултати на Фудбалската федерација на Македонија. Благодарност до сите, тоа е плод на нашата заедничка работа. Без желба да ги повторувам и набројувам успешните моменти од минатата година, сепак би сакал да ја искористам оваа прилика да им честитам на фудбалерите и селекторот на македонската А репрезентација за пласманот во баражот за Светско првенство. Тоа е успех со кој може да се гордее секој фудбалер, тренер и административец во нашиот фудбал“, започна Сејдини во своето излагање.

Првиот човек на ФФМ порача репрезентативците да бидат храбри во дуелот против Италија на 24 март во баражот за пласман на СП 2022.

Посакувам успех против Италија на 24. март. Бидете храбри и предизвикајте го Европскиот првак. За сѐ друго ја имате нашата поддршка. Би сакал да им посакам успех и среќа на македонската репрезентација до 21 година и на селекторот Канатларовски во продолжение од квалификациите за Европското првенство. Имаме добра прилика да се бориме за висок пласман и се надевам дека ќе успееме да ја искористиме“, оптимист е Сејдини, кој потенцираше дека се потребни и нови успеси, а не само да се радуваме на пласманот на ланското ЕП.

Не можеме вечно да живееме на стара слава и на пласманот на Европското првенство. Од ден на ден мораме да се стремиме кон подигнување на квалитетот на работа на федерацијата на сите нивоа и во сите сегменти. Работиме на многу проекти, на поконкурентна Прва лига, на единствена Втора лига, а во иднина и на пониските категории и женскиот фудбал. Сакаме да помогнеме во делот на комерцијалните активности, како и во финансирањето на лигите, а се разбира дека помош им е потребна и на клубовите. Веќе реализиравме многу работи, пред сѐ во однос на инфраструктурата на стадионите, а се надевам дека оваа и 2023 година ќе направиме многу повеќе за македонскиот фудбал. Фудбалската федерација на Македонија стои зад бројни натпреварувања за сениори, младинци, деца, за жени и футсал играчи. Низ стотина натпревари секој викенд се обидуваме да го одржиме фудбалот како најмасовен спорт во земјата. Ние секогаш ќе бидеме сервис на клубовите и целосна поддршка кога се во прашање фудбалските работи. Нѐ радува тоа што имаме потенцијал за нови големи работи за нашиот фудбал. Верувам дека програмата за работа и финснсискиот план е квалитетно осмислен и ќе ја следи федерацијата во однос на целите и тоа што треба и што може да се направи“, потенцираше Сејдини кој не заборави да се заблагодари и на УЕФА и ФИФА за одличната соработка.

- Оглас -

Најнови вести