ФФМ прва спортска институција која штеди струја со производство на енергија од обновливи извори

Фудбалската федерација на Македонија е прва спортска институција во државата, но и пошироко во регионот која има поставено сопствен систем за производство на електрична енергија од сончево зрачење.

Системот со фотоволтаични панели е поставен на фасадата и покривот од „Куќата на фудбалот“, како и на покривот од соблекувалните во комплексот „Петар Милошевски“. Со поставувањето на фотоволтаична централа, односно соларни панели, ФФМ покрај тоа што заштедува преку производство на т.н. „зелена енергија“ за сопствени потреби, на тој начин ја зајакнува и својата институционална одговорност со намалување на загадувањето на воздухот во Скопје.

„Ние создаваме можности нѐ само за фудбалски активности. Како општествено одговорна организација, сакавме да додадеме вредност и да ја подигнеме свеста и да ги мотивираме другите да ни се придружат во создавањето поздрава средина за сите. Фудбалската федерација на Македонија е горда што е прва спортска институција која има поставено соларен систем за производство на чиста енергија од обновливи извори. Модерното време значи дека сè повеќе зависиме од технологијата и електричната енергија, а единствен начин да ја заштитиме нашата животна средина е сè повеќе да бараме извор на чисти енергии кои доаѓаат од природата, кои се неограничени и не загадуваат“, изјави Филип Поповски, генералниот секретар на Федерацијата.

- Оглас -

Најнови вести