ФФМ се заблагодари на навивачите, но тие „распалија“ поради еден потег на играчите (Видео)

Заврши сонот за пласман на Светско фудбалско првенство откако Македонија убедливо со 4:0 загуби од Данска во Копенхаген. Убедливиот пораз беше разочарувачки за сите, посебно за околу 2.000 македонски навивачи кои беа на трибините на стадионот „Паркен“ и во живо ја бодреа македонската репрезентација.

Навивачи имаше од сите континенти. Македонци беа дојдени дури од Австралија, други од САД и Канада, а секако најбројни беа оние кои живеат и работат во европските земји и сите на трибините беа само со една цел, да ги бодрат фудбалерите на теренот. На крајот, покрај убедливиот пораз, навивачите без никакво негодување и само со аплауз ги испратија фудбалерите кон соблекувалните, што доволно покажува дека се вистински љубители на спортот.

Сепак, фановите беа разочарани од потегот на играчите да не застанат покрај трибината на која беа Македонците, туку само со еден даден аплауз да влезат во тунелот кој буквално беше залепен до трибината каде беа нашите фанови. Е тој момент, а не поразот од 4:0, предизвика револт кај навивачите.

Единствено Енис Барди како вистински капитен застана пред трибината, реагираше и кон останатите играчи да застанат, па дури влезе во тунелот да ги повика соиграчите да ги поздрават фановите кои цело време скандираа. Наце Митев е еден од најверните македонски фанови, човек кој не само што не пропушта натпревар на Македонија, туку е вистински организатор и помага да се соберат што е можно повеќе наши фанови на трибините каде и да играме.

Тој е еден и од творците на идејата да се организираат пријателски дуели меѓу македонски навивачи и фанови на селекциите против кои настапуваме. Едноставно човек кој живее за македонскиот спорт и не жали ни средства, ни време да биде присутен на секој меч. Наце често патува и на фудбалски натпревари ѓирум Европа и многу добро знае што е навивачка култура, но и видел како фудбалерите покажуваат почит кон фановите, без разлика кој е резултатот на крајот.

Митев кој во претходните неколку дена буквално беше посветен за тоа како ќе помине натпреварот на трибините, како ќе изгледа атмосферата, сега на социјалните мрежи постираше видео на кое се гледа како капитенот Барди буквално ги враќа фудбалерите од тунелот кој води кон соблекувалните за да ги поздрават навивачите, затоа што тие секако заслужија чиста 10-ка за своето однесување на трибините, но и надвор од теренот. Дури и данската полиција даде јавна благодарница за однесувањето на нашите навивачи. Секоја чест Фаланго!

По мечот, од ФФМ јавно се заблагодарија на навивачите и поддршката која ја дадоа од трибините, но очигледно е дека поголем дел од фановите мора јавно да апелираат во иднина да се даде поголема почит на сите оние кои патуваат илјадници километри, не жалат свои парични средства и одвоено време да ја бодрат Македонија, па дури и по пораз од 4:0 со аплауз и без никакви навреди да ги испратат кон соблекувалните.

Секоја чест за сите навивачи кои беа на трибините на стадионот „Паркен“ во Копенхаген.

- Оглас -

Најнови вести