ФФМ со дефинитивно решение: Тиквеш и Воска ќе играат на „Младост“ во Струмица

Фудбалската репрезентација на Македонија и дефинитивно одлучи средбата меѓу Тиквеш и Воска да се игра на стадионот „Младост“ во Струмица.

По консултација со МВР, беше донесена оваа одлука откако претходно во два наврати беше најавено дека ќе се игра во Прилеп на „Гоце Делчев“, односно во Скопје на арената „Тодор Проевски“.

„Бараж-натпреварот за Прва МФЛ меѓу екипите на Тиквеш и Воска ќе се одигра на 22 мај во 17:00 часот на стадионот „Младост“ во Струмица.

На зеднички состанок на Комисијата за безбедност и Комисијата за натпреварување во рамките на ФФМ во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) беше донесена одлуката за одредување на стадионот за одигрување на натпреварот.

ФФМ преку Комисијата за безбедност испрати допис до МВР со барање информации во делот за преземање безбедносни мерки за да се одигра во најдобар ред бараж-мечот Тиквеш – Воска и Комисијата за натпреварување ќе постапи согласно добиените информации.

Како Фудбалска федерација на Македонија упатуваме благодарност до Министерството за внатрешни работи за конструктивната соработка, каква што била и досега.

Веруваме дека со применување на прописите и почитувањето на превентивните мерки од надлежните институции и тела се гарантира вистински фудбалски спектакл.

Фудбалската федерација на Македонија ќе направи сѐ што е во надлежност на Федерацијата двата бараж-натпревари да се одиграат во спортска, фер и коректна атмосфера.

Нѐ радува тоа што интересот на публиката за овие натпревари е огромен. Тоа потврдува дека сме на вистинскиот пат. Фудбалот победува“, се вели во соопштението на ФФМ.

- Оглас -

Најнови вести