ФИФА и УЕФА ѝ се заканија на Србија со санкции, ако не избере претседател до утре

Денешната седница на Изборното собрание на Фудбалската федерација на Србија (ФСС), на која требаше да се избере нов претседател, не е одржана, а тоа ги налути Светската фудбалска федерација (ФИФА) и Европската фудбалска федерација (УЕФА) кои имаа свои претставници во Стара Пазова.

Седницата не се одржа бидејќи немаше кворум, во Стара Пазова денеска пристигнале 30 делегати, а за кворум се потребни 43 од вкупно 85 делегати на ФСС. Седницата е одложена за 24 часа и ќе се одржи утре, а единствен кандидат за претседател е Ненад Бјековиќ.

Претставниците на ФИФА и на УЕФА се шокирани и разочарани од денешните случувања во просториите на ФСС.

„Многу сме загрижени бидејќи немаше кворум за одржување на Собранието. Како што знаете, го следиме целиот изборен процес, направивме целосна ревизија и очекувавме денеска да се одржат изборите. На ФСС му е потребна стабилност бидејќи за три недели почнува Светското првенство. Се надеваме дека утре ќе бидат одржани изборите по истата програма и дневен ред. Ако и утре не се одржи Собранието, ќе мораме да пријавиме во ФИФА и УЕФА и да преземеме идни чекори и да видиме какви казни ќе следуваат“, соопшти претставникот на УЕФА, Лука Никола.

Сличен коментар даде и претставникот на ФИФА на Собранието, Елкан Мамадов.
„Разочарани сме што немаше кворум, а до почетокот на Мундијалот има уште само три недели. Ќе бидеме тука и утре, а доколку не се одржи Собранието, УЕФА и ФИФА ќе заседаваат по ова прашање и веројатно ќе има последици за ФСС“, рече Мамедов.

До неодржувањето на седницата на Изборното собрание на ФСС, според српските медиуми, доаѓа поради големото противење на Црвена ѕвезда досегашниот потпретседател Ненад Бјековиќ да биде избран за наследник на Славиша Кокеза, кој минатата година си даде оставка под притисок на српската влада, која го обвини дека тој бил дел од групата која го прислушувала претседателот Александар Вучиќ.

Од Црвена ѕвезда бараат Собранието да се одржи по завршување на Мундијалот и не сакаат иден претседател да биде Бјековиќ бидејќи тој е порашен функционер во нивниот најголем ривал, Партизан, и поради тоа сметаат дека тој ќе ги фаворизира Црно-белите.

 

- Оглас -

Најнови вести