Финалето на Лигата на шампионите вечерва во Будимпешта ќе им ги спои патиштата на Мартин Одегард и Ашраф Хакими кои пред 10 години како јуниори, играа заедно во третата шпанска лига во дресот на Реал Мадрид Кастиља.
Бројот 8 на Арсенал и бројот 2 на Пари Сен Жермен под водство на Сантијаго Солари, заедно одиграа девет натпревари во вториот тим на Реал.
Во тоа време, во Кастиља со нив беше и Федерико Валверде кој сега е еден од капитените на првиот тим на Реал Мадрид.
Луисми Кесада кој беше со нив во Реал, се присетува на тоа време и вели дека иако биле помлади од останатите, се гледало дека се многу талентирани.
„Ашраф го познавам уште од мал. Секогаш се шегуваше. Играше како напаѓач и малку по малку го претворија во бек. Времето покажа дека тоа беше одлична одлука. Имаше огромна брзина. Би сакал да го видам назад во Реал Мадрид. Со Одегард игравме заедно само неколку месеци, тој беше неверојатен на тренинзите. Еден од најдобрите што сум ги видел во мојата кариера“, вели Кесада.
Во последнава деценија, Хакими и Одегард не се сретнале на теренот, ни како соиграчи, ни како ривали. Ќе се сретнат вечерва во Будимпешта. Ашраф има титули во ЛШ и со Реал и со ПСЖ, Одегард се надева на сефте.

