Светската фудбалска федерација, ФИФА, планира да ги одложи сите натпревари на репрезентациите за 2021 година. Ова е спротивно од намерата на Европската федерација, УЕФА, која планира во септември, октомври и ноември да се играат дуелите од Лигата на нациите, преку кои четири селекции треба да се пласираат на Европското првенство кое наместо ова, ќе се игра следното лето. Ова значи дека е можно дуелот Македонија – Косово да не се одигра оваа, туку следната година.
Дали ќе победи предлогот на ФИФА, ќе се знае по консултациите со владите на земјите и препораките на Светската здравствена организација (СЗО). Од СЗО препорачуваат дека додека не се исконтролира корона-вирусот, на стадионите не треба да има публика.
„Мислам дека во прво време преголем ризик би било да се игра фудбал со публика на трибините, ќе треба да се оди во фази, чекор по чекор кон нормализација. Ризикот постои, особено ако се играат мечеви на национални тимови, кога ќе има голем број на навивачи кои ќе патуваат во странски земји. Постои можност интернационалните дуели да се презакажат за 2021 година“, вели потпретседателот на ФИФА, Виктор Монтаљани.
Првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, рече дека не може да се игра додека не се најде вакцина и додека не се загарантира здравјето на луѓето.
Извршниот комитет на УЕФА следниот четврток ќе има состанок на кој се очекува да се одредат датумите за мечевите од европските натпреварувања и националните лиги. Клупските натпреварувања се приоритет во моментов и репрезентациите ќе треба да почекаат.