Финале кое се очекуваше на СП: Шведска и со помош од над 20.000 гледачи беше немоќна против Галските петли

Репрезентацијата на Франција ќе биде противник на Данска во финалето на Светското првенство во ракомет. Ова стана јасно откако Галските петли во Стокхолм успеаа да го елиминираат домаќинот Шведска, победувајќи го со 31:26 во полуфиналето на Мундијалот.

Дуелот се играше на фудбалскиот стадион „Теле 2 арената“, пред повеќе од 20.000 гледачи, но тоа не помогна на Шведска. Уште од стартот на мечот, Франција покажа дека таа ќе биде селекцијата што ќе доминира на теренот. Шведска прв и единствен пат водеше со 3:2, а потоа следуваше серија од 4:0 за Франција за предност од 6:3. Како се ближеше крајот на првото полувреме, така Французите беа се подобри, па во еден момент водеа со 15:10, а на полувреме заминаа со предност од четири гола (16:12).

Во најголемиот дел од второто полувреме, Франција ја одржуваше комотната предност, па во 44 минута резултатот беше 23:18. Шведска последниот обид да направи пресвет го направи кога со серија од 4:1 стигнаа само на два гола негатива (22:24), но тоа како да ги налути противниците.

Французите заиграа многу подобро, па во 55 минута стигнаа и до највисока предност од шест гола 30:24 и веќе беше јасно кој ќе победи.

Финалето на Светското првенство се игра в недела.

- Оглас -

Најнови вести