Финално одбројување – Европа ја чека Македонија на јубилејното првенство

 

Финалното одбројување до историскиот меч на Македонија против Грузија вечерва во Тбилиси е во тек, а остануваат само околу 3 часа до почеток на историскиот фудбалски настан што може да ни обезбеди прв настап на Европско првенство.

И тоа во период кога УЕФА одлучи со доделување на организацијата на 13 земји во Европа да бидат домаќини на спектаклот со кој ќе се одбележи 60 години од првиот шампионат игран во 1960 година.

Токму за јубилејната прослава, иако таа е пролонгирана за идната година наместо во 2020, Македонија може да биде учесник ако ја победи Грузија на арената „Борис Паичаѕе“.

Големото финале во Сегментот Д на Лигата на нациите стигна до самата завршница, победник вечерва мора да има, макар и на пенали, а Македонија никогаш не била само на еден чекор до пат на големо натпреварување.

Во стилот на познатиот континентален хит „Финално одбројување“ на групата Европа, со нетрпение се очекува почетокот на мечот, а очекувањата се големи и поддршката за Македонија огромна.

Притисокот е голем, но Пандев, Ристовски, Алиоски, Несторовски… се искусни волци, поддржани од младата гарда со искуство од младинското ЕП во Полска пред 3 години, што прави состав од кој очекуваме победа и печат на визата за настап на ЕП идната година.

Големо охрабрување е што веројатно вечерва ќе игра и Аријан Адеми, еден од клучните играчи во нашата репрезентација, па победата е на дофат.

Овде во Тбилиси треба да се направи последниот чекор, а сè потоа ќе биде во знакот на македонските симболи, на радоста што ќе експлодира во еуфоријата за пласман на големо натпреварување кое го чекаме речиси три децении.

 

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести