ФК Кожуф: Ако истрагата утврди нерегуларности, виновниците нека бидат најстрого казнети!

Второлигашките екипи на Кожуф и Башкими се најдоа во центарот на фудбалската јавност по одигрувањето на нивниот вчерашен меѓусебен дуел. Башкими победи со 2:1 откако Кожуф водеше на полувреме со 1:0.

Голот за победа гостите од Куманово го постигнаа во 90+4 минута, и тоа по една „сомнителна акција“, каде што видеоснимката покажува дека поголем дел од домашните фудбалери делуваат незаинтересирано да се одбранат.

По таквата разврска на мечот и победата на Башкими од 2:1, стигнаа реакции од Фудбалската федерација на Македонија, но и од Министерот за спорт, Борко Ристовски, кои најавија жестоки казни ако се утврди дека има нешто нерегуларно на оваа средба.

Од ФК Кожуф денеска ѝ се обратија на спортската јавност испраќајќи соопштение во кое се вели:

СООПШТЕНИЕ ДО СПОРТСКАТА ЈАВНОСТ:
Во рамките на 28-мото коло од ВМФЛ на градскиот стадион во Гевгелија се одигра натпреварот помеѓу ФК Кожуф и ФК Башкими, кој заврши со резултат 1:2.
По завршувањето на натпреварот во јавноста имаше силни реакции во однос на залагањето на дел од играчите од нашиот тим. Во овој момент ги отфрламе обвинувањата кон ФК Кожуф и играчите. Доколку истрагата од надлежните органи утврди нерегуларности на овој натпревар, виновниците нека бидат најстрого казнети!
Со почит ФК Кожуф

 

- Оглас -

Најнови вести