ФК Вардар, КК Работнички, но и ривалите тагуваат за смртта на навивачката легенда

Навивачката група Комити која навива за скопскиот Вардар остана без една од своите најголеми легенди, Горан Костадиновски, кој беше познат како Гого или Гокси.

„Со неверување и огромна тага ја примивме и ја соопштуваме веста дека згасна животот на еден голем Вардарец и еден од основачите на навивачката група Комити. Човек со огромен придонес во изградбата и развојот на навивачкото движење во нашиот регион и на нашата навивачката група Комити Запад, институција на Западната трибина. ФК Вардар изразува сочуство до семејството и најблиските и изразува голема благодарност за сѐ што Гого има направено за ФК Вардар, Комити Запад и црвено-црниот свет. Почивај во мир Горан Костадиновски – Гого“, објавија од ФК Вардар.

Горан имаше 51 година. Освен тоа што беше еден од основачите на Комити, тој беше еден од најистакнатите водачи и на Сити Парк Бојс кои навиваат за кошаркарскиот клуб Работнички.

„Со голема жалост и тага ја примивме жалната вест за смртта на нашиот верен навивач Горан Костадиновски Гокси. Работнички загуби голем човек кој низ годините поминати во Градски парк ги помести стандардите во навивањето и покажа како се сака и се бодри и Работнички. За сите победи заеднички!!!!!“, напишаа од најтрофејниот кошаркарски клуб.

Од Гокси се простија многу спортисти и спортски работници, а сочувство изразија и некои од ривалските навивачки групи, како Фемили Аеродром кои навиваат за МЗТ Скопје Аеродром.

„Учествуваше во основањето, во огромна мера развојот на навивачката група и изградбата на имиџот и препознатливоста на името Комити. Ќе паметиме многу негови дела, идеи, рачно изработувани знамиња, стихови, песни, кореографии, пароли, текстови… најмногу ќе ја паметиме неговата голема љубов и СТРАСТ за нашиот Вардар. Ќе го паметиме и по Градски Парк… Ќе го паметиме како голем другар, како лик кој поврза многу генерации, како инстутуција на Западната трибина од која учевме и многу научивме. Комитски небесен Копу, прими ја оваа легенда со највисоки почести. Нека биде таму до вас и нека чува место за сите ние кои некогаш ќе се приклучиме за и од небесата да ги исполнуваме заедничките завети.Сочуство до семејството и најблиските, бидете горди дека израснавте еден голем човек, голем Комита кој Западот нема никогаш да го заборави“, порачаа Комити.

- Оглас -

Најнови вести