Хулк не мисли да сопре, на 40 години потпиша за Флуминенсе

Легендарниот бразилски фудбалер Хулк уште еднаш покажа дека за него годините се само број, откако стави потпис на нов договор и јасно порача дека крајот на кариерата не му е ни на повидок.

Додека многу негови врсници одамна се повлекоа од терените, искусниот напаѓач продолжува да ги поместува границите. Иако наскоро ќе наполни 40 години, наместо пензија, тој избра нов предизвик и официјално стана дел од Флуминенсе.

Клубот од Рио де Жанеиро го потврди ангажманот, кој ќе стапи на сила по настапот на Хулк на Светското клупско првенство. Со тоа, Бразилецот отвора ново поглавје во кариерата, но без намера да забави.

Особено внимание привлече должината на договорот – до крајот на 2027 година, што значи дека Халк ќе игра на врвно ниво и по 41-от роденден. Тоа доволно говори за довербата што клубот ја има во неговите квалитети, искуство и физичка подготвеност.

До трансферот дојде откако Атлетико Минеиро се согласи да го пушти без обештетување, овозможувајќи му на еден од своите најзначајни играчи во последните години да ја промени средината.

Зад него е импресивен период во Атлетико, каде од 2021 година настапи на 309 натпревари, постигна 140 голови и забележа 56 асистенции, бројки што звучат неверојатно ако се земе предвид неговата возраст.

Низ кариерата, Хулк се етаблираше како еден од најфизички доминантните напаѓачи во својата генерација. Неговата сила, разорен удар и експлозивност останаа негов заштитен знак и во подоцнежните години.

Фудбалскиот пат го започна во Виторија, но вистинската афирмација ја доживеа во Азија, настапувајќи за јапонските клубови Кавасаки Фронтале, Консадоле Сапоро и Токио Верди. Подоцна следеше трансфер во Порто, каде блесна на европската сцена и се наметна како еден од најбараните напаѓачи во тој период.

- Оглас -

Најнови вести