ФК Вардар: Сејдини да си даде оставка, време е величина како Горан Пандев да биде прв човек на ФФМ!

Првиот човек на фудбалскиот клуб Вардар, Слободан Крстевски, после серијата очигледни судиски грешки на штета на најтрофејниот клуб сезонава во втората лига, се огласи преку соопштение во кое остро го нападна раководството на ФФМ.

„Серијата ‘2 МФЛ’ продолжува, само се менуваат главните актери, борбата за власт, позиции, гласови, а интересот на фудбалот и развојот никој не го гледа. Сѐ е купено и договорено однапред, никакви правила не важат, за некои клубови има отстапки, а некои клубови се тешко оштетени секое наредно коло.

Со вчерашното бламирање во Гостивар раководните структури на ФФМ го направија првенството да биде нерегуларно на дрзок и безобразен начин со една цел, екипата на ФК Вардар по секоја цел да остане во втората лига.

Претседателот на Федерацијата можеше на почетокот на сезоната да нѐ информира дека има за цел по секоја цена однапред на зелена маса да се договорат финалните позиции на табелата што ќе беше покоректно, отколку на ваков начин да се наруши регуларноста на првенството.

ФФМ, доста е веќе!

Кај нас во ФК Вардар се е веќе јасно и овој пат нема повлекување, поминати се сите граници, на неколку наврати во минатото сме реагирале на нерегуларностите кои ги сервираа од ФФМ, но веќе нема. Сега одиме до крај!

Безусловно бараме целото раководство на ФФМ да си поднесе неотповиклива оставка на чело со претседателот Сејдини и сите комисии при ФФМ да се самораспуштат. Време е за промени, време е фудбалски величини како Горан Пандев да застанат на чело на ФФМ, за да може македонскиот фудбал да мрдне од мртва точка“ – порача Слободан Крстевски.

- Оглас -

Најнови вести