Флорентино Перес ги нападна новинарите и Ла Лига и најави претседателски избори во Реал Мадрид

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, свика вонредна прес-конференција во вторник, на која се појави сам.

Реал оваа сезона остана без ниту еден освоен трофеј, го отпушти тренерот Чаби Алонсо среде сезона и загуби од Барселона во клучното „Ел Класико“. Дополнително, во јавноста излезе информација за сериозен конфликт меѓу Федерико Валверде и Орелиен Чуамени.

Перес ја започна конференцијата со најави за избори за ново раководство на клубот.

„Во Реал Мадрид нема само еден сопственик, има многу повеќе. Овој мој потег е реакција на нападите кон мене и кон интересите на клубот. Резултатите не беа најдобри, но во спортот не може секогаш да се победува“, изјави тој.

Тој ги демантираше гласините за неговото здравје, нагласувајќи дека е комплетно здрав.

Перес остро реагираше и на дел од шпанските медиуми, обвинувајќи ги за дезинформации и лични напади.

Тој ги критикуваше новинарите од „АБЦ“, особено поради текст во кој се тврдело дека бил уморен пред состанок.

„Работам како куче. Станувам рано и легнувам последен. Некои новинари мислат дека можат да се мешаат во работата на клубот“, рече Перес.

Тој додаде дека Реал е најголемиот клуб во светот и дека некои новинари, според него, навиваат за Атлетико Мадрид.

Перес нагласи дека е разочаран од сезоната без трофеи, но потсети дека има освоено 66 трофеи како претседател, вклучувајќи седум титули во Лигата на шампионите.

Тој најави и дека ќе продолжи да се бори за интересите на клубот и остро ги критикуваше групите кои, според него, се обидуваат да го дестабилизираат Реал, како и организацијата Ла Лига.

- Оглас -

Најнови вести