Кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс немаа никаква шанса против актуелниот првак во НБА-лигата и со 4:0 загуби од Оклахома за „метла“ и елиминација во плејофот. Со овој меч заврши сезоната за Лејкерс, а многумина се прашуваат дали ова значи и крај на кариерата на Леброн Џејмс.
Легендарниот кошаркар ги надмина сите рекорди на долговечност во НБА, а останува неизвесно дали ќе ја продолжи кариерата следната сезона.
„Не знам што носи иднината. Има многу време да размислам. Мислам дека тоа го реков и минатата сезона откако изгубивме од Минесота. Ќе разговарам со семејството, ќе поминам некое време со нив, а потоа, кога ќе дојде времето, ќе знам што да одлучам“, рече 41-годишниот Џејмс.
Леброн ја заврши 23-тата НБА-сезона и тоа е рекорд. Во последниот меч сезонава постигна 24 поени, а имаше и 12 скока. Тој е најдобар стрелец во историјата на НБА-лигата, а во негова сопственост се уште голем број на рекорди во НБА.
Џејмс сезонава имаше просек од 20,9 поени, што е најмалку уште од неговата дебитантска сезона. Во просек имаше и 7,2 асистенции и 6,1 скок по меч. Сезонава стана и најстариот играч кој остварил трипл-дабл, а по неверојатен 22-ри пат беше дел од Олстар-мечот. Го надмина и Роберт Периш по бројот на најмногу одиграни мечеви во регуларниот дел од сезоната.

