Тони Крос: Недозволиво е ова во Реал Мадрид, две сезони без освоен трофеј

Тони Крос беше еден од клучните играчи во тимот на Реал Мадрид во периодот кога Кралевите доминираа посебно на европска сцена. Некогашниот германски репрезентативец даде свое мислење за тоа како изгледало последното Ел Класико на кое Барселона на „Камп ноу“ победи со 2:0, а потоа каталонскиот гигант имаше славење за одбрана на титулата, вкупно 29-та во клупската историја.

За разлика од Барселона, која сезонава се радуваше на пехарите во првенството и Суперкупот, Реал Мадрид остана без ниту еден пехар.

„Две сезони без трофеј се неприфатливи за Реал Мадрид. Резултатот на теренот произлегува од лошата атмосфера внатре. Поразот во Ел Класико беше неизбежен пред почетокот на натпреварот. Мислам дека со задоволство ќе го прифатеа тој резултат пред почетокот. Второто полувреме беше поизбалансирано, но не постигнаа гол. Честитки за Барса“, изјави Германецот.

Крос, исто така, коментираше за голот на Маркус Рашфорд: „Не можете да кажете дека Куртоа можеше да направи повеќе. Беше одличен шут и не може да се обвини голманот за овој погодок.“

Поранешниот германски репрезентативец, вели дека не е многу важно кои играчи се на теренот, а тоа се покажало при вториот погодок на Барселона постигнат од Феран Торес.

„Вториот гол ја покажува разликата помеѓу Барселона и Реал Мадрид. Играчите вклучени во тој гол – Дани Олмо и Феран – веројатно немаше да бидат во почетниот состав ако сите други ѕвезди беа достапни. Но, погледнете, имињата не се многу важни во овој случај бидејќи имаат добро развиени планови за игра и модели на движење од тренинг“, додаде Крос.

Крос потенцира дека во иднина очекува Арда Ѓулер да биде еден од клучните играчи на Реал Мадрид.

„Арда Ѓулер е играч на иднината. Тој играше многу оваа сезона и ќе биде многу важен за Мадрид. Неговата најдобра позиција е како број 10, блиску до голот. Има одлично финално додавање, поради што мора да биде блиску до напаѓачите и крилните играчи“, заврши Крос во својата анализа посветена за расплетот на сезоната во шпанското првенство.

- Оглас -

Најнови вести