Флорентино Перез: Не ни треба нов напаѓач, Бензема е најдобриот во свет

Реал Мадрид полека но сигурно влегува во форма, токму во моментот кога започнува најважниот период од сезоната. Кралскиот клуб игра добро, а еден од најзаслужните за тоа секако е Карим Бензема. Напаѓачот кој во минатата сезона беше многу критикуван поради слабите игри, сега е на посакуваното ниво.

Бензема е миленик на претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, па првиот човек на клубот не пропушти можност да го пофали Французинот, но и да потенцира дека не планира да купува нов напаѓач.

„Секогаш сум инсистирал на тоа во Реал да играат најдобрите фудбалери. Така е и сега. Со години слушам и читам дека Реал морал да купи врвен напаѓач. Таков играч веќе имаме во нашиот тим. Бензема е најдобриот напаѓач во светот. Моја задача е сега да донесам млади перспективни играчи како што тоа се Виничиус и Родриго“, рече претседателот на Реал, Флорентино Перез.

Во корист на изјавата на Перез е и фактот дека Бензема сезонава даде 18 голови, а имаше и седум асистенции. Францускиот голгетер ја игра јубилејната 10 сезона за тимот од „Сантијаго Бернабеу“, а досега, во 449 меча во сите натпреварувања, има постигнато 210 погодоци.

Своите реализаторски способности, Бензема ќе треба да ги покаже и утревечер на гостувањето кај Ајакс во меч од осминафиналето во Лигата на шампиони.

 

- Оглас -

Најнови вести