Формула 1 слави голем јубилеј

Трката за големата награда на Кина која ќе се вози претстојниов викенд во Шангај ќе остане засекогаш запишана во историјата на Формула 1 бидејќи ќе биде илјадата во постоењето на овој популарен спорт.

Сè почна во далечната 1950 година во Силверстоун, кога во болидот на Алфа Ромео победи Џузепе Фарина. Вкупно 764-ица возачи настапиле барем на една трка, а имало 107 различни победници.

Магијата е создавана од австралискиот Мелбурн, преку јапонската „Сузука“ и бразилски „Интерлагос“, до славните европски автодроми како „Монца“, „Хокенхајм“, „Спа Франкошам“ и трката низ улиците на Монте Карло.

Имаше незаборавни трки, како онаа во Бразил 2008, кога Луис Хамилтон во последната кривина го престигна Тимо Глок и стана најмлад светски првак, или во Канада 2011, кога Џенсон Батон стартуваше од последната позиција, а победи. Во 1994 во Имола загина Аиртон Сена.

Најмногу трки има извозено Рубенс Баричело (326), а најмногу победи има Михаел Шумахер (91). Најмлад победник е Макс Ферстапен со 18 години и 228 дена, а најстар е Луиџи Фаџоли со 53 години и 22 дена.

Затоа, победата в недела ќе вреди многу повеќе од оние 25 поени кои ќе ги добие најбрзиот бидејќи ќе остане запишан како пилот кој триумфирал на илјадитата трка.

- Оглас -

Најнови вести