Македонскиот голман Столе Димитриевски ќе остане во Валенсија во следните две сезони, поточно до јуни 2028 година.
Клубот ја искористи клаузулата во неговиот договор за да му го продолжи уште за две години и да продолжи да смета на македонскиот голман. Димитриевски играше секоја минута од втората половина од сезоната, оставајќи позитивен впечаток и убедувајќи го тренерскиот штаб да го задржат. Неговите перформанси и лидерство беа клучни за оживувањето на тимот, поради што тој заработи продолжување на договорот, кое Валенсија го финализира без преговори.
Македонецот пристигна во Валенсија како слободен играч пред две сезони, откако му истече договорот со Рајо Ваљекано. Во првата година тој ги делеше голманските должности со Мамардашвили. Минатото лето, по заминувањето на грузискиот голман во Ливерпул, Столе требаше да стане стартер, но клубот се одлучи да го потпише Агирезабала, кој беше прв избор сè додека не се повреди во јануари и не играше повторно до крајот на сезоната.
Од неговото пристигнување во 2024 година, кумановецот одигра вкупно 33 официјални натпревари со дресот на Валенсија во Ла Лига и Копа дел Реј.
По мечевите со БиХ и Турција, Димитриевски замина на одмор, а по одморот ќе им се приклучи на своите тимски колеги во Валенсија.

