Репрезентацијата на Франција се пласира во четвртфиналето на Европското првенство откако минимално со 1:0 ја победи Белгија. Погодокот кој значеше пласман на Франција во следната фаза всушност беше автогол на Јан Вертонген.
По шутот на Коло Муани, топката го закачи Вертонген, го смени правецот и заврши во мрежата, што на крајот се покажа како клучен момент на средбата. Ова е втор автогол на ова ЕП со кој Франција победува откако и во првото коло славеше над Австрија со автогол на Вобер.
Вкупно, низ историјата на ЕП ова е петти автогол што си го даваат противниците на Франција. Ниту една друга репрезентација се нема израдувано на повеќе автоголови на ЕП како Франција. Дека Галските петли се среќници од тој аспект, покажува и статистиката која вели дека тие се и националниот тим кој најмногу се радувал по постигнати автоголови и на Светското првенство. Вкупно шестпати противниците на Франција сами си давале гол на Мундијалите.