Французите никогаш не ги победиле Американците, дали тоа е доволно да типувате на САД?

Репрезентациите на САД и Франција од 13 часот во Донгуан ќе водат голема битка за влез во полуфиналето на Мундобаскетот, каде што ги чека Аргентина. Во салата во Донгуан вчера се случи едно изненадување (победата на Аргентина над Србија), па Французите веруваат дека може да се најдат меѓу четирите најдобри и да обезбедат место на олимпискиот турнир како втор европски тим покрај Шпанија.

Се чекаше полуфинале Србија – САД, а Французите може да направат Американците и Србите да играат едни против други во разигрувањето за петто до осмо место. Сепак, на избраниците на Винсан Коле ќе им треба историски подвиг бидејќи никогаш досега не славеле над САД. Додуша на последниот меѓусебен дуел, на ОИ во Рио де Жанеиро пред три години, дадоа најсилен отпор и загубија само со тесни 97-100. Сега САД нема ниту приближно толку силен тим како во 2016 година, но го има веројатно најдобриот тренер на светот.

Американците до ова четврт-финале дојдоа без пораз, ги надиграа сите освен Турција, кога се провлекоа, и покажаа дека имаат и слаби точки. Ефикасноста им падна во втората фаза, потфрлаат во реализацијата на шутевите за три поени.

Французите просечно се високи 202 сантиметри, но најслаби се по бројот на скокови и тоа е нивниот главен проблем пред дуелот со атлетски моќен тим.

- Оглас -

Најнови вести