Фред тргна на патување од 600 километри со велосипед за да потпише со Флуминенсе

Легендарниот бразилски напаѓач Фред се одлучи да направи несекојдневен потег за да го реализира својот трансфер од Крузеиро во Флуминенсе. Некогашниот голгетер на Лион, а сега 36-годишен ветеран, од Конгоњас во близина на Бело Хоризонте до Рио де Жанеиро (600 километри) замина со велосипед. Патувањето по тесните и земјени патеки ќе трае пет дена, а оваа акција има и хуманитарен карактер, па по пат тој ќе им помогне на 4.000 семејства со донирање храна и други продукти.

Фред потпиша двегодишен договор со популарниот Флу, клуб за кого веќе има играно во минатото, од 2009 до 2016 година. Како репрезентативец на својата земја, Фред одигра 39 меча и даде 18 гола.

На првиот ден од патешествието, Фред мина 155 километри за пет часа активно возење. Денеска е втората етапа од „Тур де Фред“, а фудбалерот кој намерно не вози по главните патишта, ги замоли фановите да останат дома и да не го запираат.

- Оглас -

Најнови вести