Фудбал, пиво и тикет спортска на +40… Звучи убаво, нели?

Нема сомнежи дека изолацијава ќе беше поубава со фудбал на ТВ… Барем за машката популација, но и за дел од понежниот пол кој исто како нас ужива со најважната споредна работа на светот. И така по цел ден сме дома и бараме различни активности со кои ќе „убиеме“ време, ќе беше убаво два часа во денот да поминеа во следење натпревари. Но, тоа е што е. Надвор владее пандемија со Коронавирусот, па стадионите се затворени и нема натпревари, меѓу другото… Секако, тоа што спортот е во застој во овие моменти, апсолутно не е важно, се работи за човечки животи и мора сите мерки да се почитуваат, особено оние кои не се во наша полза. Нема фудбал, нема никаков спорт, ќе се стрпиме без тоа колку што треба само нека помине овој кошмар.

И вака, додека седиме во изолација, мора да мислиме позитивно и оптимистички. Позитивното размислување е единствен начин да истраеме. Ако сѐ помине во најдобар ред (иако моментално не е добра работава), ќе гледаме клупски фудбал налето, на +40 степени. И тоа, не оној од пријателски карактер, оние натпревари што се играат во Азија и САД, туку клупски првенствен фудбал. Да, да… Токму така, Премиер лига, Серија А, Ла Лига и да не ги набројувам останатите лиги на кои најмногу се обложувате, сите ќе бидат на програмата во текот на најтоплиот период во годината.

Такви се најавите, оптимистички. Италијанците се чукаат во гради дека ќе почнат со фудбал во мај, во краен случај најдоцна во јуни, иако кај нив ситуацијата е најлоша. И останатите се оптимисти дека во тој период ќе се вратат во спортска нормала, што нам фанатиците искрено ни одговара и од гледачки, а и од обложувачки аспект. Не сите дома имаат спортски пакети и не сите може да уживаат во најатрактивните лиги со менување на каналите, но затоа тука се обложуваниците да ни ги задоволат потребите. Каде ќе се бега од топлото летно сонце? Па, во обложувалница, нормално, таму ем има 15 телевизори со пренос на различни мечеви, ем ќе седиш во свежа климатизирана просторија, ем ќе си пуштиш тикет како за занимација.

Не дека летово ќе недостасуваше фудбал, односно спорт, сосема напротив. Секако беа планирани Европското првенство, Копа Америка, Олимписките игри, меѓутоа пандемијата одложи сѐ што чекавме со нетрпение, па на тој начин се отвори простор да се размислува за продолжување на прекинатите сезони во периодот кога асфалтот се топи од жешко. Сепак, клупскиот фудбал е најголемата атракција и токму помислата дека ќе ги гледаме Меси, Роналдо, Салах, Левандовски како трчаат за своите екипи во период кога треба да се оди на одмор, звучи доста возбудливо, да не речам оптимистички. За нас Македонците, единствено нешто за што ни е жал е одложувањето на натпреварот против Косово, односно битката за пласман на ЕП, кој за нашата репрезентација би бил прв, историски, но и за тоа ќе почекаме до следната година, како што се чекаше во изминативе две и пол децении.

За ова оптимистичко размислување да се оствари, потребна е помош од сите нас. А, ќе помогнеме само ако седиме дома. Сѐ додека се држиме до препораките за изолација, опасниот вирус ќе нема толку простор да се шири и на тој наачин побрзо работите ќе се вратат во нормала. Ние ќе се вратиме на секојдневните навики, а фудбалот, односно спортот ќе се врати на ТВ. Нека не ве плаши ниту последната изјава на претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, дека има опција оваа сезона воопшто да не се доигра. Нему тоа му е работа, да ги истакне сите можни сценарија, но ние засега ќе си се придржуваме до позитивните мисли дека налето ќе си гледаме клупски фудбал, на +40 степени, со ладно пиво во едната и тикет спортска во другата рака. И да, да не заборавам, седете дома луѓе и чувајте се!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести