Фудбалска бајка од рајот: Пред четири години му загинаа 19 фудбалери во авионска несреќа, сега е шампион!

Пред неполни четири години се случи една од најголемите трагедии не само во фудбалот, туку воопшто во спортот. Екипата на Шапекоенсе која патуваше од Бразил кон Колумбија доживеа авионска несреќа. Авионот се сруши на неколку километри од аеродромот во Меделин, каде што требаше да слета. Во авионот, во кој имаше 77 патници и членови на екипажот, загинаа 71 лице.

Меѓу загинатите беа и 19 фудбалери на Шапекоенсе, а од шестте преживеани, тројца беа фудбалери. Алан Рушел, Џексон Фолман и Нето беа среќните фудбалери кои преживеаја, заедно со еден член на екипажот и уште двајца други патници.

Поради тешките повреди, Фолман реши да се повлече од фудбалот, додека Рушел и Нето останаа активни во тимот кој по несреќата едноставно остана без играчи. Рушел продолжи да игра и стана капитен на Шапе, додека Нето сега е тренер на клубот.

Неполни четири години по трагичната несреќа, во екипата на Шапекоенсе имаше многу причини за радост. Тимот стана шампион во првенството на Катариненсе, откако во финалето, во двомечот против Бруске, Шапекоенсе победи со вкупни 3:0. Првиот меч Шапе го доби со 2:0, а славеше и на реваншот, и тоа минимално со 1:0.

Играчите кои пред четири години се обидуваа психички да ги преживеат страшните моменти, сега се предводници на тимот до трофејот. Рушел како капитен прв го крена трофејот, а тука беше и тренерот Нето.

- Оглас -

Најнови вести