Фудбалскиот подвиг на браќата Ристовски кој ретко се гледа во светски рамки!

Македонскиот фудбал вчера имаше позитивен резултатски ден. Сениорите ремизираа на гостувањето кај Грузија (1:1), додека младинската селекција победнички се враќа од гостувањето кај Фарски Острови по победата од 2:1. Младинците со трите бода ги задржуваат шансите за второто место во групата за пласман на ЕП, додека за сениорите ова беше само потврда за добрата форма, пред можеби најважниот дуел во историјата за нас, тој против Косово во полуфиналето од плејофот за пласман на ЕП 2020.

Двата меча на македонските селекции ги одбележа едно презиме, а тоа е презимето Ристовски. Постариот Стефан го даде погодокот во ремито 1:1 против Грузија. Иако игра како дефанзивец, Ристовски одлично соработува со капитенот Горан Пандев, а тоа се потврди и на овој меч.

Откако освои една топка на својата половина, Ристовски одигра двојно проигрување со Пандев, а потоа даде атрактивен погодок низ нозете на голманот на Грузија. Тој погодок не само што беше за израмнување 1:1 туку се покажа и како доволен за освојување бод на ова тешко гостување.

Само неколку часа пред погодокот на Стефан, на гол се радуваше и помладиот Милан Ристовски. Помалиот брат игра на позиција напаѓач и за него е многу поприродно да даде гол. Милан одлично се снајде во шеснаесетникот кога ја доведе Македонија во водство од 1:0,  во триумфот од 2:1 над Фарски Острови.

Постариот Стефан е и поафирмиран. Тој веќе трета година е член на Спортинг од Лисабон, каде што пристигна од тимот на Риека. Токму во Риека сега напаѓач е помладиот Милан, кој доколку продолжи да се развива и да напредува, ќе направи голем трансфер како брат му Стефан.

За тоа дека двајцата знаат да бидат вистиски лидери на теренот, покажува и фактот дека Милан вчера беше капитен на младионскиот тим, додека Стефан, во отсуство на Пандев, ја носеше капитенската лента на мечот против Ерменија.

Двајцата браќа не само што играа вчера, туку успеаја и да се запишат во листата на стрелците, што е навистина реткост двајца браќа во еден ден да дадат погодоци за две различни генерации за една земја.

- Оглас -

Најнови вести