Високи претставници на Фудбалската федерација на Иран ја напуштија Канада пред почетокот на Конгресот на ФИФА, по инцидент на имиграциската контрола на аеродромот во Торонто, јавуваат иранските медиуми.
Според извештаите, претседателот на федерацијата Мехди Таџ, генералниот секретар и неговиот заменик се вратиле со првиот лет кон Турција, наведувајќи непристојно однесување на службениците и навреда кон еден од највлијателните органи на Иранската револуционерна гарда.
Канада во 2024 година ја прогласи Револуционерната гарда за терористичка организација и им забрани влез на нејзините членови. Делегацијата во Канада пристигнала со важечки визи, но инцидентот дополнително ги засили сомнежите околу слободното движење на иранските фудбалери, официјални лица и навивачи пред Светското првенство што летово ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
Канадските власти засега не го коментираа конкретниот случај, повикувајќи се на приватност, но нагласија дека членовите на Револуционерната гарда немаат дозвола за влез во земјата. ФИФА стапи во контакт со иранската делегација и изрази жалење, најавувајќи дека претседателот Џани Инфантино ќе организира состанок во седиштето на организацијата.
Сомнежите околу присуството на Иран на Мундијалот дополнително се зголемија поради конфликтот на Блискиот Исток, кој ескалираше по нападите меѓу САД и Израел и Иран. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека иранските фудбалери ќе бидат добредојдени, но предупреди дека на членови со врски со Револуционерната гарда може да им биде забранет влез во САД.

