Фуриозни пет минути на Голден стејт доволни за победа во Торонто (Видео)

Голден стејт славеше на гости кај Торонто и израмни на 1:1 во големото НБА-финале. Актуелниот првак беше под притисок да слави на гостувањето за да не му дозволи на противникот да се одлепи на две победи во серијата подобар од седум меча.

Торонто одлично го отвори мечот, па во средината на втората четвртина имаше и предност од 12 разлика (47:35). Тогаш делуваше дека ова ќе биде меч како реприза од првата средба, кога „рептилите“ постојано имаа контрола на резултатот. Сепак, до крајот на полувремето, Голден стејт успеа да намали на 59:54, а потоа следуваше познатата трета четвртина на „воините“.

Како многупати досега, Голден стејт со фуриозна игра во третата четвртина направи предност недостижна за ривалот. Во првите пет минути од вториот дел гостите имаа серија од 18:0 и стигнаа до водство од 72:59. Од тој момент, па до крајот гостите не го испуштија водството.

Клеј Томпсон беше прв стрелец кај побендичкиот тим. Тој даде 25 поени, но ја повреди тетивата на ногата и мораше да излезе од игра во средината на последната четвртина. Засега не се знае колку е сериозна повредата. Стеф Кари додаде 23 поени за победничкиот тим, а на Грин му недостасуваше само една асистенција за да има трипл-дабл (17 поени, 10 скока и 9 асистенции).

Најголемата разлика во негативна смисла кај Торонто беше играта на Паскал Сијакам. Ако на првиот меч Камерунецот погоди 14 од 17 шута, овојпат погоди само пет пати од 18 обиди.

Серијата сега се сели во Оукленд, каде што ќе се играат следните две средби.

https://youtu.be/RUSdzVj77m8

- Оглас -

Најнови вести