Гарсија блеска и со изјави: Ќе бидеме мало камче во чевелот на Баерн

Руди Гарсија блеска и со изјавите, но уште повеќе со начинот на кој го води Лион во Лигата на шампионите. Лавовите од „Жерлан“ се најголемото изненадување, а пласманот во полуфиналето дојде по сензационалните елиминации на Јувентус и на Манчестер сити.

Сега на ред е уште еден голем фаворит, Баерн, на патот кон посакуваното финале, кое ако Лион успее да го дофати, ќе биде француско со големиот ривал од Лига 1, Пари Сен Жермен.

„Ние не сме големи како планина. Токму таков фаворит вечерва ќе биде Баерн против нас. Ќе се обидеме да бидеме мало камче во чевелот на противникот за да му го направиме патот до целта многу тежок. Овој тим на Лион може сè, па и да го елиминира Баерн“, изјави Гарсија.

Тренерот на Лион имаше интересна изјава и по мечот со Манчестер сити, кој беше голем фаворит, но падна пред налетот на Лавовите од „Жерлан“.

„Кога играме со Корне против Манчестер сити, лесно е за нас тренерите. Веднаш знаете дека почнувате со предност од 1:0“, се пошегува по мечот Гарсија.

Претпоследната пречка на сензационалниот француски тим за прво финале во ЛШ ќе биде Баерн, вечерва од 21 часот на „Жозе Алваладе“, стадионот кој е дом на Спортинг од Лисабон.

 

- Оглас -

Најнови вести