Гасол на излезна врата – Се сели кај братот Марк во Торонто?

Пау Гасол по три години би можел да го напушти тимот на Сан Антонио спарс. Двете страни работат на раскин на соработката по што франшизата од Тексас ќе се ослободи од високата плата на Гасол, која изнесува 16 милиони долари годишно.

Гасол сезонава не се изнаигра во дресот на спарси поради чести повреди, речиси да нема никаков придонес за тимот кој го води Грег Попович, па токму затоа се наоѓа на излезна врата.

По оваа информација веднаш се појавија шпекулации каде би можел Гасол да ја продолжи кариерата, а прв тим кој се споменува е Торонто репторс. Имено, клубовите од НБА имаат рок до први март да ангажираат слободни агенти, па на тој начин искусниот центар би заиграл покрај неговиот помал брат, Марк Гасол, кој во последниот ден од рокот за размена на играчи заврши во Канада, во замена за Валанчиунас и уште двајца играчи.

Иако браќата Гасол долго време настапуваат во најсилната кошаркарска лига, тие никогаш не играле заедно во ист тим. Во 2008 година Пау го напушти Мемфис и се пресели во ЛА лејкерс, па на негово место дојде Марк кој се задржа 11 години пред трејдот во Торонто.

- Оглас -

Најнови вести