Гасперини: Не можеме да им ги сечеме рацете на играчите, треба да го смениме правилото за пенали

Џанпјеро Гасперини очекувано беше лут по мечот меѓу Јувентус и Аталанта и тренерот на гостите од Бергамо побара да се сменат фудбалските правила.

Особено при досудувањето на пенали во Серија А за играње со рака, што навистина донесе дузина контроверзни ситуации и одлуки на судиите.

Вчера на Јувентус му беа досудени два пенали против Аталанта, што го спаси шампионот од пораз против екипата што е хит во Италија, но и во Европа.

Бергамашите водеа на двапати, но Јувентус израмнуваше со головите на Кристијано Роналдо од белата точка, а и двата пенали за шампионот беа досудени по игра со рака на фудбалери на Аталанта.

„Пенали? Вечерва тие беа производ на лошите правила во Италија. Што треба да направат дефанзивците? Да го сменат начинот на играње, на трчање, или да ги смениме правилата. Не можеме да им ги пресечеме рацете. Правилата важат за сите и се лоши, а не беа досудени пенали само против нас, туку ги има многу по спорни моменти и игра со рака“, вели Гасперини.

И навистина откако се воведени построги правила за досудување пенали за игра со рака и во ситуации кога тоа е без намера, видливо е дека играчите во фаза на одбрана не можат да трчаат природно и честопати ги кријат рацете зад грб, што изгледа и комично.

Гасперини изјави и дека трката за Скудетото е завршена и според него Јувентус деветти пат по ред ќе биде шампион на Италија.

 

- Оглас -

Најнови вести