Гасперини со шок изјава: Ова е како кога си оженет и ќе запознаеш убава девојка

Аталанта го постигна најголемиот успех во клупската историја откако ја освои титулата во Лигата на Европа. Тимот од Бергамо убедливо со 3:0 го победи германскиот првак Баер Леверкузен кој до ова финале имаше рекордна низа од 51 меч без пораз.

Еден од главните креатори на оваа шампионска Аталанта е тренерот Џанпјеро Гасперини. Искусниот стратег кој има 66 години конечно се израдува на голем трофеј. Тој е во Аталанта од 2016 година и од година во година тимот напредуваше за сега да стигне кулминација и освоен трофеј во второто по силина европско натпреварување.

Гасперини веќе подолго време е на мета на повеќе европски гиганти, а сега сигурно интересот ќе биде уште поголем. Запрашан за тоа дали ќе остане во Аталанта или ќе си замине, Гасперини имаше интересна изјава.

„Сега се радуваме, а потоа ќе видиме што ќе биде. Сега сум во чудна ситуација. Ова е како кога си оженет и имаш деца, а потоа ќе запознаеш неверојатно убава девојка. Можеби не е најдобар пример кој можев да го кажам на телевизија“, со насмевка рече Гасперини по освојувањето на трофејот.

- Оглас -

Најнови вести