Гатузо ги казнува играчите кои не го слушаат, а тоа е добро за Елмас

Наполи утре го чека незгодно гостување кај Калјари во рамки од 24-тото коло во Серија А, а за тој меч Џенаро Гатузо презеде ригорозни мерки. Имено, Рино го казни играчот за врска Алан со тоа што го остави во Неапол, а тоа значи дека на местото на Бразилецот од првата минута повторно може да игра Елиф Елмас.

Гатузо луто одговараше на новинарските прашања, а се изјасни и зошто го изостави Алан од составот за утрешниот предизвик.

„Алан не ги следеше моите инструкции на тренинзите, не тренираше како што сакам јас и затоа ќе си остане дома. Им потенцирав на играчите откако заврши преодниот рок дека во следните месеци ќе треба да се трудат двојно на тренинзите за да изборат место во почетниот состав. Наполи да им биде во мислите 24/7, бидејќи јас раководам со 25 играчи и не можам да губам нерви само со еден. Тој што е неконстантен нема да игра, едноставно е“, истакна Гатузо.

Елмас максимално ги искористи шансите што Гатузо му ги даде во изминатиов период. Беше стрелец во победата против Сампдорија, а доби висока оценка против Интер во првото полуфинале од италијанскиот Куп, во кое Наполи славеше со минимални 1-0. Во тие два меча Елмас беше стартер.

- Оглас -

Најнови вести