И во екот на големата епидемија со Коронавирусот, клубовите прават планови за следната сезона, а интересна математика има Манчестер јунајтед кога се работи за стоперската позиција.
Црвените ѓаволи имаат притисок од Рома да им дозволи по пониска цена да го откупат договорот што Крис Смолинг го има со Манчестер јунајтед за да може конечно англискиот репрезентативец да остане подолго во Рим.
Смолинг игра како позајмен играч од Манчестер во редовите на Рома и нема ништо против да ја продолжи и подолго кариерата во редовите на Римската волчица.
Најтрофејниот англиски клуб нема ништо против, но само ако успее претходно да го ангажира Сенегалецот од Наполи, Калиду Кулибали.
Наполи за него бара огромна сума пари, околу 120 милиони евра, а веќе одби една понуда од англискиот гигант тешка 100 милиони евра.
Сепак, италијанските медиуми објавија дека ѓаволската математика на Манчестер е остварлива бидејќи епидемијата со Коронавирусот ќе влијае на финансиската ситуација кај клубовите, што е најава дека Наполи може да попушти и да му го продаде Кулибали на англискиот клуб.