Ѓекереш: „Ова беше само прво полувреме, пред нашите навивачи ќе биде поинаку“

Напаѓачот на Арсенал, Виктор Ѓекереш, го даде својот коментар по ремито 1:1 против Атлетико Мадрид во првиот полуфинален натпревар од Лига на шампионите. Токму тој го отвори резултатот за клубот од Лондон од пенал, пред Хулијан Алварез да израмни, исто така од белата точка, оставајќи ја одлуката за реваншот во англиската престолнина.

Шведскиот репрезентативец истакна дека неговиот тим имал подобра контрола на топката во првото полувреме, но се соочил со проблеми во вториот дел поради поагресивниот пристап на противникот. Според него, двомечот останува целосно отворен и сè ќе се реши на реваншот, каде Арсенал ќе има поддршка од домашната публика.

„Во првото полувреме малку подобро ја контролиравме играта и имавме неколку шанси да постигнеме гол – искористивме една од нив“, изјави Ѓекереш. „Во второто полувреме Атлетико започна подобро и можеби заслужуваа да постигнат гол. Кон крајот мислам дека имавме неколку добри прилики. Генерално, беше тежок натпревар. Знаеме дека ова е тешко место за играње, но сепак ова беше само првото полувреме од двомечот“, додаде напаѓачот.

„Знаеме дека кога играме дома пред нашите навивачи, ќе биде поинаку. Треба само да си ја завршиме работата и да го дадеме максимумот, и ќе одиграме добар натпревар дома“, заклучи Швеѓанецот.

- Оглас -

Најнови вести