Генијална тактика на Луис Енрике: Јасно е зошто голманот на ПСЖ цел меч ја исфрлаше топката во аут (Видео)

Втора сезона по ред, а третпат во клупската историја екипата на Пари Сен Жермен ќе игра во финале на Лигата на шампионите. Францускиот гигант е и актуелен бранител на тронот во елитното натпреварување на УЕФА, а сега остануа само уште еден чекор за да остане на врвот на фудбалска Европа.

ПСЖ синоќа одигра 1:1 против Баерн во Минхен и на тој начин ја сочува предноста од првиот меч во Париз, кога победи со 5:4, па Светците одат во финалето со вкупен резултат од 6:5. Гостите од Франција дадоа гол во третата минута и поведоа со 1:0, а потоа успешно го чуваа својот гол сè до 90+4 минута, кога Хари Кејн израмни на 1:1, но германскиот тим немаше шанса за втор погодок.

Специфично за дуелот на „Алијанц арената“ беше тоа што голманот на ПСЖ, Матвеј Сафонов, константно ја шутираше топката во аут кога требаше да ја внесе во игра по голаут. Првично делуваше дека Сафонов не може да ја „нацентрира“ ногата, но потоа стана јасно дека тој намерно ја шутира топката кон десната напаѓачка страна на Баерн Минхен.

Зошто баш така правеше Сафонов? Замислата на тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, била едноставна. Со исфрлувањето на топката во аут на десната напаѓачка страна на Баерн, Енрике сакал тој дел од теренот да биде наполнет со повеќе фудбалери и на тој начин играчите на ПСЖ имале поголема шанса да го удвојуваат Мајкл Олисе, кој требаше да претставува најголема опасност кон голот на гостите.

Фудбалерите на ПСЖ така имаа поголема можност да му ја одземат топката на Олисе, а потоа да прават контранапади. Ако не успеваа да ја освојат топката, го тераа Баерн Минхен да ја префрли топката на спротивната лева страна, каде што ПСЖ многу подобро можеше да се снајде во дефанзивата затоа што го немаше Олисе на тој дел од теренот.

Интересно е дека Олисе одигра еден од најслабите мечеви. Тој беше целосно сопрен во нападот и безопасен, а дури 29-пати ја загуби топката затоа што околу него имаше преголем број противнички играчи и немаше доволно слободен простор за игра.

Баерн Минхен едноставно не беше подготвен за оваа неочекувана тактика на Луис Енрике, која на крајот се покажа како повеќе од успешна, па ПСЖ ќе игра во финалето на Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести