Георгиевски: Еуфоријата во Македонија и поддршката ми даваа енергија да го освојам медалот

Теквондистот Дејан Георгиевски на прес-конференцијата во Агенцијата за млади и спорт рече дека не можел да стигне да им се заблагодари на сите за поддршката.

„Благодарност до целата македонска јавност, до целиот народ за поддршката што ми ја дававте во текот на денот. Од мојот тим и делегацијата ми кажуваа каква е еуфоријата во Македонија и тоа ми даваше енергија. Отидов во Токио по злато, овојпат е сребро со златен сјај бидејќи победив двајца фаворити. На следните ЛОИ се надевам дека ќе имаме повеќе претставници во теквондо и другите спортови. Им пожелувам успех на сите спортисти од Македонија кои допрва треба да настапат, им посакувам да освојат уште некој медал“, изјави Дејан.

Директорот на АМС, Наумче Мојсовски, смета дека спортот се покажал како најголем амбасадор на државата.

„Среброто е вредно како злато, Дејан ги покажа основите на теквондото, беше истраен, храбар, со голема почит кон ривалите. Сите бевме горди, му честитам и му посакувам уште многу медали. Само за неколку часа тој совлада неколку фаворити. Чест ми е што Македонија имаше делегација која даде сè од себе. На сите спортисти им посакувам успешни настапи. Спортот го добива заслуженото место и внимание. Спортистите се најдобри амбасадори на државата“, изјави директорот Мојсовски, кој на Георгиевски му подари слика во рамка со среброто додека стоеше на подиумот.

 

 

- Оглас -

Најнови вести