Германија ја зајакнува безбедноста пред почетокот на Европското првенство во фудбал на 14 јуни за да спречи потенцијални закани од исламистите, хулиганите, агресивните граѓани и од сајбер нападите.
Ова го изјави министерката за внатрешни работи на земјата, Ненси Фезер.
Германија очекува 2,7 милиони луѓе да присуствуваат на натпреварите на стадионите ширум земјата и околу 12 милиони во фан-зоните на отворено, истакна Фезер, но загриженоста за безбедноста се зголеми по серијата напади во последните месеци.
„Нема конкретни индикации за закана, но Германија прави сѐ за настанот да биде безбеден“, изјави Фезер, цитирана од „Ројтерс“.
„Никогаш не можете да гарантирате стопроцентна безбедност, но ние сме добро подготвени и остануваме многу будни“, им рече таа на новинарите, додавајќи дека ќе има силно полициско присуство поддржано од полицајци од други земји и 16.000 волонтери.
Во услови на поларизирано политичко опкружување во кое беа забележани неколку напади врз политичари, 25-годишник со нож тешко рани шест лица на десничарскиот митинг во Манхајм во петокот. Полицаец починал од здобиените рани, а напаѓачот бил застрелан.
Фезер рече дека фудбалскиот турнир е можност луѓето да се обединат пред заканите од руската агресија и екстремизам во земјата.
„Сакаме да покажеме дека спортот е почит и заедништво“, рече Фезер.
Европското првенство во Германија почнува на 14 јуни и ќе трае до 14 јули.