Германски четвртолигаш нема играно 94 дена, а вечерва брка финале на Купот

Четвртолигашот Сарбрикен вечерва од 20.45 часот игра историски меч против Баер Леверкузен во полуфиналето на Германскиот куп, и тоа ќе биде прв официјален меч за Сарбрикен по цели 94 дена пауза. Тимот нема играно од 7 март наваму, а против себе ќе го има еден од најдобрите тимови во Бундеслигата.

Тоа ќе биде нерамноправна битка на тим кој не играл одамна и ќе влезе во трета лига против тим кој се бори за место во Лигата на шампионите и се наоѓа во натпреварувачки ритам. Неутралците ќе навиваат за Сарбрикен, единствениот нисколигаш кој остана во игра во Купот (другото полуфинале е Баерн Минхен – Ајнтрахт) тимот кој можеше да испадне уште во август, во раната фаза на Купот, но тогаш со пресврт во последните 15 минути се спаси против второлигашот Јан Регенсбург.

Квотите на обложувалниците јасно укажуваат кој е фаворит, но Сарбрикен нема да се предаде, ова е меч на кариерите за играчите на овој клуб кој има стадион со капацитет од 6.800 седишта. Вечерва ќе се игра без публика, што исто така им оди во прилог на гостите од Леверкузен кои се навикнати да играат пред празни трибини.

Сабрикен нема освоено голем трофеј, а во далечното минато, во 1943 и 1950 година, беа втори во германската лига и, што е интересно, беа најдобри во француската втора лига во 1949 година, но бидејќи беа странски клуб, не добија трофеј. Во Бундеслигата последен пат беа во 1993 година. Сонуваат на 4 јули да се појават на Олимпискиот стадион во Берлин против Баерн или Ајнтрахт, но што и да се случи, вечерашниот меч за нив е историски.

- Оглас -

Најнови вести