Рестартот на Третата германска лига треба да се случи на 30. мај, но големи проблеми има(ше) фудбалската федерација на четирикратниот светски првак со третиот ранг на натпреварување во земјата.
Потпретседателот на федерацијата Рајнер Кох изложи сериозни проблеми со кои се соочувале челниците на германскиот фудбал.
„Имавме чудна ситуација и ни се закануваа со судски процеси клубови што сакаа да продолжиме со сезоната, но и такви што не сакаа да се доигра Третата лига. Не дозволивме да потклекнеме под притисоци. Федерацијата не е фудбал па да го шутира кој како сака. Дел од клубовите беа себични и ги гледаа само своите интереси, но не дозволивме да владее индивидуалниот интерес. Донесовме одлука што е во полза на германскиот фудбал“, изјави Кох.
Претходно медиумите објавија дека дел од клубовите како на пример Инголтштад, Минхен 1860… беа апсолутно за лигата да продолжи и сезоната да се доигра, а Магдебург и Карл Цајс Јена го предводеа вториот блок што не сакаше сезоната да заврши на терен, стравувајќи од пандемијата со Коронавирус.