Еден неуспех и реми против аутсајдерот Тондела направи вистински хаос во Бенфика, а по каменувањето на клупскиот автобус, навивачите продолжија со тортурата кон своите миленици и сега и вербално им се закануваат.
Веднаш по мечот со Тондела, кој беше прв за Бенфика по паузата заради пандемијата со Коронавирус, а заврши без голови, вчеравечер дел од симпатизерите на најтрофејниот клуб во Португалија со камења и тврди предмети ги нападнаа играчите и стручниот штаб.
Најлошо минаа Андрија Живковиќ и Јулијан Вајгл кои завршија во болница. Двајцата имаат повреда на очите и тоа од стаклата кои се распрскале.
Откако повредите им беа санирани, двајцата играчи на Бенфика, објавија заедничка фотографија, со која потврдија дека со нив се е во ред, но тортурата за фудбалската експедиција на 37-кратниот португалски првак не застана.
Навивачите сега вербално им се заканија на Пици, на Рафал Силва и на тренерот Бруно Лаге. Дел од нив стасаа дури и до домовите на триото од Бенфика и им напишале пораки со заканувачка содржина на влезните врати.
Интересно е што Вајгл, кој беше повреден при каменувањето, по втор пат е сведок на напад на автобус. Германецот беше и во автобусот на Борусија Дортмунд кога во 2017 година беше цел на бомбашки напад.
Причината за вчерашниот напад е слабата игра и лошиот резултат на Бенфика на мечот против Тондела. Бенфика беше апсолутен фаворит, но на крајот одигра 0:0 на свој терен и освои само еден бод. Со овој кикс Бенфика пропушти шанса да се искачи на лидерското место на табелата, па сега има 60 бодови, колку и лидерот Порто.
До крајот на првенството во Португалија има уште 9 кола, а ќе се води мртва трка меѓу двата најтрофејни клуба за пехарот. Бенфика е рекордер со 37 титули, а Порто има 28.