Ако се навикнавме први стрелци во најсилните лиги да бидат Меси, Роналдо, Кејн, Салах, Левандовски, сезонава сликата е изменета, па на чело се не толку скапи играчи, или примерот во Англија каде што најефикасен е играч од средниот ред, а не напаѓач.
Неочекувана е листата на најдобри голгетери. Во Шпанија, најефикасен е Кристијан Стуани од Жирона, 32-годишен Уругваец познат како близок другар на Кавани.
Иако во Ла Лига играат и Меси, Диего Коста, Гриезман, Суарес, Бејл, Бензема, засега Стуани ги засени. Зад Стуани е Андре Силва од Севилја, каде што игра како позајмен од Милан, а на дебито во шпанската лига постигна хет-трик.
Во Италија, прв стрелец е Кжиштоф Пјонтек, кој летоска во Џенова дојде за 4 милиони евра. Девет гола на седум меча за Полјакот е старт од соништата во Серија А.
Пако Алкасер во дресот на Борусија Дортмунд даде шест гола за 81 минути игра и засега има двојно повеќе голови од Роберт Левандовски, кој е фаворит за признанието прв стрелец.
Во Премиер лигата, Еден Азар од асистент, се претвори во гол-машина. Азар редовно ги тресе мрежите и засега во грб му гледаат Агуеро, Кејн, Салах и останатите голгетери. Во минатата сезона Азар даде 12 гола, а сега по осум кола, веќе има седум голови.