Го имам победено Федерер, ама тој влезе во Топ 10 и веќе не сме во контакт

Хрватот Давор Гргиќ вели дека како многу млад го има победено Роџер Федерер и не се фали многу со тоа, но жали што дружењето со Швајцарецот завршило кога Роџер станал еден од десетте најдобри тенисери на светот. Федерер тогаш го сменил телефонскиот број и прекинал контакт со другар му Давор. Лани Давор бил на Отвореното првенство на Австралија и имал прилика да дојде до Федерер, но не сакал да му се јави, а и којзнае дали Роџер би се сетил на него.

„Бевме добри пријатели, нашите тогашни тренери добро се познаваа и често патувавме заедно, се дружевме, но кога Роџер влезе во топ-10, си го смени телефонскиот број и оттогаш не сме во контакт. Не сакам многу да зборувам за тоа бидејќи луѓето имаат различно мислење за тоа. Федерер стана легенда, а јас сум обичен човек од мал град, разликата е небо и земја, иако го имам победено, и тоа во првиот од нашите три меѓусебни дуели. Тоа беше во САД на Саншајн купот за деца до 14 години, се сеќавам дека беше 6-4, 6-4. Потоа на турнир во Франција за играчи до 16 години тој ме победи и на крајот во Милано, каде што игравме три сета“, се присетува Гргиќ, кој има 39 години и сега работи како тренер.

- Оглас -

Најнови вести