Го нарекуваа последниот фудбалски диктатор – Ќе има ли меко срце за спас на Вардар?

Германската фудбалска легенда Феликс Магат е во игра за спас на Вардар, со посредништво на нашиот познат фудбалски ас Саша Ќириќ.

Магат со фирмата „Флајерамарм глобал сокер“ инвестира во фудбалски клубови и под негова капа се австриската Адмира Вакер и германскиот Вурцбург Кикерс. Ќириќ, чиј тренер во минатото беше Магат, се надева дека и Вардар може да се приклучи во тоа друштво.

„Главен човек и раководител на фирмата е Магат, мој добар пријател и поранешен тренер. По првичните информации што ги споделивме и објаснувањето за каков бренд се работи, веднаш се заинтересира. Имав средба и со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и им ги доставив сите информации.

Проблемот со големиот долг, кој изнесува неколку милиони евра, и ситуацијата со корона-вирусот не нудат брзо решение, но сакам да помогнам. Никој нема по два-три телефонски разговори и разменети мејлови да ви префрли неколку милиони евра без лично да ја сними ситуацијата. И ситуацијата со корона-вирусот не дозволува слободно патување без да се оди во карантин при влез и излез од земјата, па и тоа ја комплицира ситуацијата. Сепак, мораме да се обидеме сите заедно да помогнеме да се најде решение за спас на Вардар“, објасни Ќириќ преку социјалните мрежи.

Магат е легенда на германскиот фудбал и има освојувано пехари и како играч и како тренер. Со Хамбургер стана европски првак во сезоната 1982/83 и претходно го креваше пехарот и во Купот на победниците на купови во 1976/77. Со истиот тим трипати беше и првак на Германија, што ја потврдува играчката величина на Магат.

И како тренер имаше успеси и освои 7 трофеи со три различни екипи, со Баерн, Штутгарт и со Волфсбург. Беше познат како многу строг тренер, па поранешниот играч на Ајнтрахт Франкфурт, Баширу Салу го нарече и „Последниот диктатор во Европа“. Со Ќириќ соработуваа во 1998 година, кога нашиот ас настапуваше за Нирнберг, а тренер му беше токму Магат.

 

 

- Оглас -

Најнови вести