Поминаа 13 години откако Манчестер јунајтед се израдува на последната титула во Премиер лигата. Таков пост за Црвените ѓаволи е најдолг во последните неколку децении. Во сезоната која неодамна измина, гигантот од „Олд Трафорд“ заврши на третото место на табелата и се избори за настап во Лига на шампиони. Извршниот директор на „Црвените ѓаволи“, Омар Берада е оптимист дека екипата е созреана да оди чекор напред и да се стигне до целта, а тоа е да се освои титулата.
Пред три години, Берада постави цел до 2028 година, кога клубот ќе ја прослави својата 150-годишнина, да биде донесен шампионскиот трофеј во витрините на „Олд Трафорд“.
„Во идеален свет би го направиле тоа следната сезона. Ако не, годината потоа. Мислам дека сме во добра позиција да го направиме тоа. Тимот напредува и ние ќе продолжиме да градиме врз него. Нема да престанеме да инвестираме во различни делови од клубот. Имаме и цели надвор од теренот, а нашата идеја е да ги постигнеме сите. Едната е да бидеме финансиски одржливи и да воведеме комерцијални иновации“, рече и извршниот директор на 20-кратните шампиони.
Манчестер Јунајтед минатото лето имаше успешен преоден рок, кога во клубот пристигнаа Матеус Куња, Брајан Мбемо, Бенџамин Шеско и Сене Ламенс. Од клубот се надеваат дека и во летниот преоден рок кој престои, ќе бидат доведени квалитетни играчи кои ќе помогнат во мисијата да се освои титулата.
„Шаблонот од минатото лето ќе се примени повторно. Трансфер пазарот е константа, но никогаш не знаете како ќе излезете од него. Мора да бидете совршено подготвени и да имате јасен план. Важно е точно да знаете каде барате подобрувања. Имаме специфичен план на кој треба да работиме, но ќе бидеме флексибилни и паметни. Џејсон Вилкокс (директор на фудбал) и неговиот тим знаат многу добро како да продолжат според нашите планови. Она што го направија минатото лето беше добар чекор во вистинската насока. Бараме и докажани играчи во Премиер лигата и оние кои добро се снаоѓаат надвор од неа“, вели Берада од позиција на извршен директор на англискиот гигант.

