Го средивме и Бахреин, утре почнува најтешкото

Македонската репрезентација рутински го совлада Бахреин со 28:23, дојде до втората победа во Минхен, и остана непоразена против азиските репрезентации на Светските првенства. Македонија ја оправда фаворитската улога, и освои нови планирани бодови.

Резултатот беше таков што дозволи и мало калкулирање со силите и штедење, бидејќи утре од 18 часот, Македонија има тежок меч против Хрватска.

Дебитантски голови на светските првенства имаа Филип Чурлевски, синот на легендарниот Боро Чурлевски, кој истотака ги бранеше боите на Македонија на големите натпреварувања, и Мартин Серафимов. Филип Кузмановски во 49 минута беше стрелец на јубилејниот 1.000-ти гол за нашиот национален тим во историјатот на ракометните Мундијали, а ги имаме веќе шест.

Со 8 гола од 10 шута, Кирил Пазаров беше прв стрелец и прогласен за играч на натпреварот. Манасков и Кузмановски погодија по четири пати, а Поповски и Талески дадоа по три гола.

После почетното водство на противникот од 2-1, Македонија направи серија од 5-0 за преземање на контролата врз резултатот на една третина од првото полувреме.

Но, ова водство како да ги опушти македонските ракометари, па „црвено-жолтите“ ги фати голема криза во нападот, повеќе од десет минути немаа постигнато гол, а Бахреин со серија од 5-0, поведе со 7-6. Селекторот Раул Гонзалес мораше да побара тајм-аут за да ги смири своите играч и со обид да ја прекине низата на противникот.

Капитенот Кирил Лазаров со два гола ја врати Македонија во водство. Тоа беше период од околу седум минути во кои Бахреин не даде гол, а во меѓувреме им се повреди пеналџијата Мохамед Хабиб и еден шут за кој судиите не беа сигурни дали е гол, со видео технологијата за наша среќа утврдија дека топката не ја минала целосно гол-линијата.

Во второто полувреме, Бахреин не беше закана, и „црвено-жолтите“ умешно ја одржуваа, на моменти и зголемуваа предноста.

- Оглас -

Најнови вести